Новиот министер за правда, Игор Филков формира нова работна група, која ќе подготвува нови измени на Кривичниот законик, по скандалозното носење на измените на овој Закон од страна на претходната власт со кои беше избришан ставот 5 од членот 353 на Кривичниот законик, а дел од судските постапки против функционери запреа, а дел застареа.
Додека работната група го подготвуваше предлогот за нов закон, минатата власт по скратена постапка под европско знаменце донесе измени на актуелниот КЗ со што предвиде и побрзо застарување на кривичната одговорност што опфати најмногу обвинети поранешни функционери во високопрофилирани случаи, меѓу кои и повеќе што ги отвори Специјалното јавно обвинителство.
Но, министерот не знаеше да каже кои ќе бидат нови членови на работната група, затоа што преговорите се уште биле во тек, но од неговите одговори можеше да се сфати дека во оваа група ќе има членови и од експертите што работеа веќе на измените со години и предлог законот е веќе објавен на ЕНЕР.
Други детали не беа образложени, а министерот кажа дека за се јавноста ќе биде информирана кога се ќе биде конечно.
Филков вели дека се работи на измени за да се отстранат штетните последици од избрзаните и наменски политички одлуки, а дури и најави дека ќе се бара начин оние кои се спасија со спорните измени, да одговараат за сторените кривични дела, иако новите измени не може да важат ретроактивно.
Иако власта најавуваше дека судството ќе го реформира со распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Филков вели дека за реформирањето на судството ќе има широка и јавна дебата пред да се спроведе било што.
Нема искуство во правосудството, засега не најавува распуштање на Судскиот совет – кој е новиот министер за правда?
Вели дека во однос на ова прашање е на иста линија и со премиерот, Христијан Мицкоски, но и со американската амбасадорка и амбасадорот на ЕУ со кои постојано имал средби.
–Не сме ниту магионичари, ниту алхемичари. Ниту една реформа не е безболна за тој што не сака да сменат работите, вели Филков и тврди дека треба време за да се реформира урнисаното судство.
Пари за нов затвор во „Идризово“ нема, па како решение за пренатрупаноста го гледа повторното отворање на крилото кое беше затворено поради нехумани услови, но и воведувањето на пробациски алки.
Новиот министер за правда е од редовите на „ЗНАМ“ на Максим Димитриевски и по еден месец од стапувањето на функција, за прв пат одржа брифинг со новинарите.
Ф.Ф.С.