„Македонското единство е плурално и може да биде сочувано само како перманентен еквилибриум меѓу етничките групи, религиите, интересите, регионите. Македонското единство никогаш не може да биде апсолутно, ригидно, едноставно и секогаш мора да биде баланс на многубројни интереси кон кои се стремиме со умереност и толеранција“.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Уставот на Хрватска е таков каков што е поради променетата демографија предизвикана од војната со Србија. Да се решеа несогласувањата на Конференцијата за Југославија, а не на бојното поле, Уставот ќе беше поинаков. Ќе беше налик на нашиот.
Кога пропадна европското решение за балканскиот проблем, со автономија и човекови права за српската заедница во Хрватска, прашањето се реши на балкански начин, со етничко чистење.
На пописот од 1991 година, 581.663 Срби живееле во Хрватска, а Србите биле 12,2 отсто од вкупното население на државата. На пописот од 2021 година имало само 123.892 етнички Срби, или 3,2 отсто.
Толку останале по воената офанзива на хрватските војски, наречена Олуја. Луѓето, Хрватите и Србите, платија данок во крв заедно со преку стоте илјади убиени и неколкуте милиони раселени во етничките војни во Југославија.
„ГАЗДА ВО КУЌАТА“
А можеше да биде поинаку. Во 1992 година, на последниот состанок на Конференцијата за Југославија, со која претседаваше Лорд Карингтон, беше поднесен мировен план, кој предвидуваше крај на војната преку создавање сојуз на суверени и меѓународно признати држави.
За Хрватска се предвидуваше значајна автономија за Србите во рамките на хрватската држава. Таквиот модел ќе наликуваше повеќе на македонскиот денес, со својата бројна албанска заедница.
Планот, кој го потпишаа сите претседатели на републиките, па и претседателот на Хрватска Туџман, пропадна поради ветото на Милошевиќ.
Војната си го продолжи својот ужасен поход. Новите реалности создадени од страдањата на Хрватите и на Србите го определија идното државно уредување на Хрватска.
Едно е сигурно, во случај на успех на мировната конференција, „македонскиот модел“, со автономија за Србите, немаше да биде привлечен за македонските националисти и немаше да биде спомнуван денес во контекст на уставните промени.
Сегашниот модел, кој е резултат на војна, е привлечен затоа што е поблиску до сонот на сите националисти во светот: етнички чиста држава. Или, во најмала рака, поблиску до политички систем во кој се знае кој е „газда во куќата“.
НОВ НАЦИОНАЛИЗАМ
Каде сме сега ние? Пред нас е еден тежок процес на учење дека постои и една поинаква дефиниција на патриотизмот од националистичката. Овие редови ги напишав во политички есеј објавен во 2001 година.
„Македонското единство е плурално и може да биде сочувано само како перманентен еквилибриум меѓу етничките групи, религиите, интересите, регионите. Македонското единство никогаш не може да биде апсолутно, ригидно, едноставно и секогаш мора да биде баланс на многубројни интереси кон кои се стремиме со умереност и толеранција“.
Всушност, ова е цитат од еден текст на Волтер Липман, американски либерален мислител и новинар за американското општество напишан во 1935 година. Зборот „американско“ го заменив со „македонско“ и ги додадов зборовите „етнички групи“.
Но, пораката на Липман останува непроменета: „ако сакаме да обезбедиме добар живот за нашите потомци, мораме да се обединиме околу еден нов национализам“. Пораката има едно посебно значење за нас денес, напишав во времето на меѓуетничкиот конфликт од 2001.
Нашиот нов патриотизам, нов национализам ако сакате, обврзува да ја прифатиме и да ја засакаме Македонија таква каква што е, мултинационална, а не таква каква што сонуваат националистичките водачи.
ШТО НИ ТРЕБА?
Не ни треба хрватскиот модел зашто „олуи“ ќе нѐ однесеа, и сѐ уште можат да нѐ однесат, во бестрага. Еве што ни треба.
Минатото лето, ми раскажува мојот пријател од Охрид, Агрон Биба, за емотивното значење на широката употреба на албанскиот јазик во Македонија.
На перфектен македонски јазик вели дека, покажувајќи им ја на своите деца таблата со натпис на албански на која пишува „Влада на Република Северна Македонија“, помислил како сега чувствува дека ова е негова влада, а државата негова држава.
Тој летен ден, во „Езерски лозја“ крај Струга, и јас се почувствував горд на мојата македонска нација и држава. На нашата европска Македонија.