Изговарајќи ги трипати зборовите „Да живее кралот Фредерик“, од балконот од палатата Кристијанбург во Копенхаген, данската премиерка Мете Фредериксен го прогласи Фредерик Х за крал на Данска, Гренланд и на Фарските острови.
Од истиот балкон, кралот Фредерик го одржа својот прв говор велејќи дека се надева дека ќе стане крал обединител.
-Тоа е задача за која се подготвував целиот мој живот. Тоа е задача што ја прифатив со гордост, почит и радост – рече кралот Фредерик.
Неговите зборови наидоа на одобрување од десетици илјади собрани граѓани.
Новиот дански крал ѝ оддаде почит на својата мајка и рече дека секогаш ќе биде запаметена како „извонредна кралица“.
Кралот Фредерик Х изгледаше искрено изненаден од бројноста и реакција на граѓаните собраните во Копенхаген за неговата инаугурација, па на момент пушти и солзи, соопшти Би -Би -Си.
На новиот крал на Данска потоа на балконот му се придружија неговата сопруга Мери и нивните четири деца поздравувајќи ги собраните граѓани.
Фредерик Х беше прогласен за крал на Данска откако кралицата Маргарета формално потпиша абдикацијата во кабинетот со што го заврши нејзиното 52-годишно владеење на данскиот трон.