Предлогот за нов концепт за основно образование денеска официјално влегува во Собрание каде во Комисијата за образование, наука и спорт е закажана јавна расправа. Почетокот е закажан за 12:00 часот.
На јавната расправа, како што соопшти собраниската прес-служба, покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, се поканети и претставници на Владата, Министерството за образование и наука и органите во неговиот состав. Се очекува да присуствуваат и претставници на државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, МАНУ и невладини организации чиј домен на интерес е образованието. Исто така, на седницата се поканети и претставници на меѓународни претставништва кои ги поддржуваат образовните реформи во земјава.
Министерката за образование и наука Мила Царовска во интервју за МИА рече дека по јавната расправа во собраниската Комисија за образование, наука и спорт, очекува дефинирање на концепцијата за основно образование.
-Сметам дека во наредниот период е многу значајна онаа дебата што треба да се случи или расправа во самото Собрание по однос на концепцијата за основно образование и навистина ќе бидам среќна што во Собранието ќе се зборува за основното образование, затоа што многу години за ниту еден концепт за основно образование досега не се зборувало во јавноста, а камоли да има јавна расправа во Собранието. Поканите ги испраќа самата Комисија, организатор е Собранието и не би можела да зборувам кој сè е поканет, но сметам сите релевантни, веројатно сите што биле гласни и помалку гласни во јавноста со различни ставови сигурно ќе бидат поканети од страна на Комисијата и ќе имаме плодна расправа, рече Царовска.
Претходно од МОН на оваа тема одржаа бројни состаноци со сите засегнати страни, а по електронски пат собираа и забелешки и предлози за нацрт-концептот.