За изградба на новиот клинички центар во општина Ѓорче Петров ќе биде земен кредит од 500 милиони евра од банкарски конзорциум кој го сочинуваат три банки, Erste group, Raifaisen bank и UniCredit, но колку е каматата, за колку години ќе треба да го вратиме и колку вкупно пари ќе се вратат, министерот за здравство Венко Филипче не знае. На брифингот кој денеска тој го држеше со цел да информира за овој проект рече дека градежните работи треба да почнат на крајот на оваа или на почетокот на следната година, а објектот треба да биде готов за седум години.
Постапката за избор на финансиер за проектот ја водело Министерството за финансии. Се преговарало со 18 финансиски институции, а понуди стасале од шест.
-Најповолна беше понудата на конзорциумот, но детални информации околу каматните стапки, рокот на задолжување и други детали може да се побараат од Министерството за финансии – рече Филипче.
Пред да започне градбата во Велеполе во општина Ѓорче Петров треба да се донесе струја, да се изгради водовод и канализација, бидејќи таму нема никаква инфраструктура. За некои од овие активности веќе се обезбедени пари, но за некои ќе треба да се обезбедат со ребаланс на државниот буџет. Но и покрај тоа Филипче е уверен дека до крајот на годината инфраструктурата ќе биде подготвена и ќе може да почне градбата на државно земјиште од 30 хектари. Новиот клинички ќе биде на површина од 105.000 метри кваадратни
Тендерот ќе биде распишан на почетокот на август, а тој ќе опфаќа изработка на проект, изградба на објект, опремување, па дури и обуки на вработените во клиниките. Новиот клинички треба да биде целосно готов за 7 години, но првата фаза треба да заврши за 3,5 години, по што таму ќе почне да се примаат пациенти. Во првата фаза во функција ќе бидат ставени дијагностиката, хируршките сали и интензивната нега, а во втората гинекологија, неонатологија и педијатрија.
На прашањето дали е сигурен дека доколку дојде до промена на власта на изборите закажани за следната година ќе продолжи реализацијата на проектот, Филипче одговори дека ВМРО-ДПМНЕ била вклучена во досегашните фази, а остануваат отворени и за понатамошна соработка со изнаоѓање на соодветен начин за вклучување.
Инаку ВМРО-ДПМНЕ имаше готов проект и избрано фирма која требаше да гради нов клинички на местото каде што е сегашниот за 72 милиони евра. По промена на власта оваа идеја се напушти со објаснување дека просторот во која сега се наоѓаат клиниките не може да ги задоволи потребите, па се избра нова локација.