Новиот Клинички центар ќе се гради до обиколницата во Ѓорче Петров, темелите ќе бидат поставени годинава?

by fokus

Најидеална локација за изградба на новиот клинички центар е онаа во Ѓорче Петров блиску до обиколницата, а изградбата би требало да почне на крајот на оваа година.

Ова го најави министерот за здравство Венко Филипче на гостивањето во емисијата „Топ Тема“.

– Темелите на новиот клинички центар ќе бидат поставени на крајот на оваа година. Имаме три локации кај Злокуќани, во Ѓорче Петров и Петровец кои ги разгледа работна група во Министерството за здравство составена од експерти која ги бодуваше трите локации. Според работната група недостаток на локацијата во Злокуќани е што со експропријација ќе беше премногу скапо, во Петровец на понудената локација недостаток е што таа е многу блиску до Аеродромот, има многу прелети и земјиштето е мочурливо. Врз основа на применетата методологија од експертите најголема предност има локацијата во општина Ѓорче Петров, која е на идеално место веднаш до обиколницата, таму каде ружата на ветрови има чист воздух и никогаш не е замаглено и според таа методологија, оваа локација има најголеми шанси да биде местото каде ќе биде лоциран новиот клинички центар, рече министерот Филипче.

Тој посочи дека веќе разгледуваат многу модалитети и дека има и готови проекти, а општината работи на утврдување на урбанистички план.

Според динамиката министерот очекува да почне градбата на крајот на 2019 година, а првиот пациент би бил примет за 4-5 години.

Поврзани новости