Кандидатот од најголемата опозициска партија Нова демократија, Костас Бакојани, е новиот градоначалник на грчката престолнина Атина, соопшти во неделата министерството за внатрешни работи, кое е задолжено за пребројувањето на гласовите од локалните избори.
Според податоците по 98 отсто обработениот изборен материјал, Костас Бакојоани освоил 65,3 отсто од гласовите, додека неговиот главен ривал, кандидатот од владејачката коалиција на радикалната левица Сириза, Атанасиос (Нанос) Илиопулос, освоил само 34,7 отсто од гласовите.
Костас Бакојани претходно беше градоначалник на градот Карпениси, а од 2014 година беше гувернер на регионот Централна Грција. Костас е син на пратеничката на Нова демократија, поранешна шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани и внук на поранешниот премиер Константиност Мицотакис (1918-2017).
Неговата мајка Дора Бакојани во 2002 година стана првата жена градоначалничка на Атина, и на таа функција беше домаќин на летните Олимписки игри во 2004 година. Сопругот на Дора и татко на Костас, Павлос Бакојани, беше убиен во 1989 година од припадници на терористичката левичарска организација „17-ти Ноември“, која беше разбиена во 2002 година.
Братот на Дора Бакојани, исто така, е еден од повидните претставници на династијата Мицотакис. Имено Киријакос Мицотакис е челник на опозициската Нова демократија, која победи на грчките избори за Европскиот парламент на 26-ти мај, и сега очекува победа на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 7-ми мај.