Новоименуваниот директор на Клиниката за урологија – Башким Шабани има судска пресуда од 2020 година со која е прогласен за виновен дека во 2019 претепал колега, удирајќи го по главата и по телото, пишува „СДК.мк“.
Како што информираат, урологот Шабани го признал делото, искажал каење, па поминал со пресуда „опомена“, изречена од судијката Моника Бахчовановска од Основниот кривичен суд Скопје.
Д-р Шабани е назначен за директор на Клиниката на 6 август, а го именуваше министерот за здравство Арбен Таравари, како кадар на коалицијата ВРЕДИ.
Настанот за кој овој лекар добил само прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир од МВР, а не и кривична пријава до Обвинителството, се случил на Клиниката, на 2. мај 2019.
„Поради меѓусебно недоразбирање, обвинетиот физички го нападнал Л.В.. Фаќајќи го за рака, го повлекол и го удрил со шлаканица по лицето. Потоа го удирал со тупаници во пределот на главата и по телото, при што му нанел видливи повреди, црвенила и подливи на лицето и на вратот“, стои во образложението на пресудата.
Судијката му изрекла само опомена и го задолжила да плати судски трошоци од 1.000 денари.
Како отежителна околност ја навела одговорната професија на обвинетиот, лекар, како и нападот што го извршил на јавно место, а како олеснителни околности дека бил татко на 4 деца, го признал делото, па искажал „искрено каење“ за претепувањето.