Новиот директор на АНБ на Фејсбук „преку ноќ“ од политичар стана јавна личност

by Fokus

За новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, за кого на Фејсбук стоеше дека е политичар, сега има промена.

Во секцијата вовед (Intro) на Фејсбук-профилот на Христовски сега стои дека тој е „јавна личност“ (Public figure).

Инаку Христовски вчера на владина седница беше именуван за нов директор на Агенцијата задолжена за безбедност и контраразузнавање.

Тој на позицијата го наследува Зарко Милошевски, кому не му е истечен мандатот, туку е разрешен од функцијата, која ја извршуваше неполни две години.

Од Владата изјавија дека Бојан Христовски од 2023 година не е член на партија, откако си поднел оставка по неговото враќање на работа во Министерството за внатрешни работи.

Сепак, на неговиот Фејсбук-профил забележлива е активност и пропагирање во прилог на партијата. На 1 септември годинава тој го честита петтиот роденден на Агенцијата за национална безбедност, наведувајќи дека тој е последен.

„Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност! Шупливите темели на формирањето на новата Агенција во старт го зацртаа и краткиот рок на траење! Дојде време на темелни реформи и нов почеток“ – пишува Христовски во објавата.

Само месец и половина подоцна тој е назначен за директор на истата таа АНБ.

Она предизвикува контроверзии, е партиско-политичкиот ангажман на Бојан Христовски, за што сведочат неговите објави на Фејсбук и други јавни настапи.

Законот за АНБ во членот 10, во кој се пропишани условите за тоа кој може да биде директор на Агенцијата, е јасен и вели:

„Да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија“.

Христовски, според Владата, формално не е во конфликт со овој услов, но неизбежен е впечатокот дека неговите јавно декларирани ставови, па и во последните неколку недели, се во корелација со политиките и потезите на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани новости