Се обврзувам во следните четири години, дека нема да бидам господар, туку слуга на атињаните, рече новиот атински градоначалник Костас Бакојанис откако положи свечена заклетва како 46 татко на градот и ја истакна желбата да ја издигне Атина високо, што воедно беше и неговиот предизборен слоган.
-Да ја истакнеме Атина како модерна европска метропола. Безбеден, чист и зелен град. Светол и пријателски град. Фер и демократски град. Град во кој нема да се обидуваш да преживееш, туку град во кој ќе сакаш да живееш. Град во кој има место за сите и нè обединува сите. И оние кои што живеат, оние кои што работат, оние кои го посетуваат. Но, исто така и оние кои го сакаат, порача Бакојанис.
Манифестацијата, за првпат се одржа на отворено, во археолошкиот локалитет и парк „Акадимиа Платонос“, односно местото каде што Платон ја основал Академијата во центарот на Атина, а настанот на кој новиот градоначалник и новата локална власт положија свечена заклетва, беше отворен за сите граѓани, јави дописничката на МИА од Атина.
На церемонијата присутни мајката на Бакојанис, Дора Бакојани, неговата сестра, сопругата на новиот градоначалник и тв презентерка, Сиа Косиони, неговите четири деца, министерот за внатрешни работи на Грција, Такис Теодорикакос, потпретседателот на владата Панајотис Пикраменос, пратеникот од СИРИЗА и поранешен претседател на Парламентот, Никос Вуцис, поранешниот градоначалник на Атина и пратеник од Движење на промена, Јоргос Каминис, како и пратеници од владејачката Нова демократија.
Новиот атински градоначалник, положи религиозна свечена заклетва пред архиепископот на Атина и Грција, Јеронимос.
Костас Бакојанис на локалните избори во јуни годинава убедливо го победи кандидатот на СИРИЗА, Насос Илиопулос, а по вчерашната свечена заклетва, официјално со работа започнува следниот понеделник.