,,Новината” дека возачките дозволи нема да важат без ,,Северна” е стара две и пол години

by fokus

Не запираат реакциите на граѓаните по денешното предупредување од МВР, дека од утре по полноќ повеќе нема да важат возачките дозволи со старото име, односно без додавката ,,Северна”. Граѓаните забележуваат дека досега никој не ги предупредил дека е неопходна замената и на возачките дозволи, покрај останатите лични документи.

Поточно, во изминатиот период се зборуваше за замената на пасошите и личните карти, но не се споменуваа возачките дозволи. Сепак, оваа обврска не е нова, туку беше предвидена со законските измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од јуни 2021 година. Односно, беше навестено дека крајниот рок на важност на дозволите е до 12 февруари 2024 година.

Дел од граѓаните пак реагираат дека при регистрација на возилата биле убедувани дека не треба да ги менуваат возачките дозволи, а замеруваат и дека надлежните досега требало да ја направат оваа информација достапна до јавноста.

Од Левица веќе најавија дека ќе предложат законски измени за продолжување на важноста на возачките дозволи.

Од МВР денеска информираат дека возачките дозволи од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само со името Република Северна Македонија.

-Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета, велат од МВР.

Поврзани новости