Новинарските организации се против и нема да учествуваат на јавната дебата за државни реклами во медиумите

by Fokus

Повеќето професионални новинарски здруженија и граѓанските организации од медиумскиот сектор упатија најостра реакција за начинот на кој Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) го води процесот на јавна дебата за дополнително предложените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) со кои се предлага повторно воведување на т.н. државно рекламирање во земјава.

Во денешното соопштение на Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонски институт за медиуми (МИМ), Институтот за истражување на општествениот развој (РЕСИС), Здружението на регионални и локални медиуми „Медиум објектив“ и на Институт за комуникациски студии (ИКС) се наведува дека ниту еден претставник нема да учествува на денешната јавна расправа во организација на МИОА со која, како што велат, се сака да се прикаже лажна транспарентност за процес за кој во општеството не постои ниту минимален консензус.

Тие нагласуваат дека се против повторното воведување на праксата на трошење јавни пари во приватните медиуми, што во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар.

Новинарските и медиумските организации сметаат века со предложените законски решенија се фаворизира само интересот на дел од приватниот медиумски сектор и се занемарува критичката улога на новинарството во демократијата и јавниот интерес на сите граѓани.

Велат дека овие решенија се во целост спротивни на стандардите на Европската комисија, а особено на новата предлог – Регулатива за слободата на медиумите во која е јасно наведено дека европскиот пазар се нарушува со нетранспарентната и неправична распределба на јавни средства за државно огласување, особено кога тие средства преференцијално се доделуваат на водечки национални медиуми или се користат за тајно фаворизирање или субвенционирање на медиуми кои пренесуваат ставови блиски на актуелната власт.

„Ние сме за законски решенија со кои ќе се поттикне разновидноста на квалитетни содржини и ќе се поддржи независното и професионално новинарство и во непрофитниот и во приватниот сектор – а тоа е можно преку воведување Фонд за плурализам на медиумски содржини.

Ние располагаме со капацитети, знаење и меѓународни искуства да изработиме квалитетни предлози со кои ќе се подобри статусот на медиумските работници, ќе се опфатат сите чинители во индустријата без да се фаворизираат страни, а се со цел да се зајакне неоспорната независност на новинарската дејност“, пишува во заедничкото соопштение.

 

Поврзани новости