Упадот во Собранието на 27 април 2017 година е најсериозниот инцидент во кој не само што се повредија правата на новинари и медиумски работници, туку се повреди правото на јавно информирање на граѓаните, порача претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски на денешниот собир пред Јавното обвинителство на Меѓународниот ден за прекинување на политиката на неказнивост на насилството врз новинарите.
-Ни пратија порака „Новинарството не ни треба“. Затоа сме денеска тука, да потсетиме дека правдата за 27 април е селективна. Додека политичарите беа заштитени, медиумските работници беа извисени. 27 април останува да биде симбол на неказнивоста на напад врз новинарите – рече Чадиковски.
Тој ги повикаа институциите сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади врз новинари и да ги казнат одговорните. Воедно, Чадиковски потсети дека без одговорен пристап на институциите, нападите врз новинарите ќе продолжат, па дури и ќе станат поагресивни, со што, според него, може да го доведат во прашање животот на новинарите.
Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Павле Беловски, пак, изјави дека новинарските организации повеќе од пет години работат на идејата преку законско решение се стави крај на насилството врз новинарите. Но, како што истакна тој, Обвинителството се уште не гонело напаѓач на новинар по службена должност, бидејќи законската одредба што го предвидува тоа се уште не е усвоена во Собрание.
-Точно пет години и една недела откога јас бев лично нападнат и нашата медиумска екипа. Една година подоцна беше претепана екипата на А1 на Плоштадот „Македонија”. Бевме во политичка криза и граѓаните на нас гледаа како мета, за да можат да испратат порака со тупаници – рече Беловски.
Тој побара пратениците во најкус можен рок да ја донесат измената на Кривичниот законик која нападот врз новинар ќе го третира како напад врз службено лице, по што, според него, обвинителството повеќе нема да има изговор да не ги процесуира нападите врз новинарите и да не ги гони напаѓачите по службена должност.
Новинарката Душица Мрѓа, која беше нападната на „крвавиот четврток”, рече дека нејзиниот напаѓач се уште не е идентификуван. Наспроти тоа, додаде таа, дел од напаѓачите на политичарите се осудени, на дел им се намалија казните, а дел беа и амнестирани, согласно, како што истакна, направените политички пазари.
-На 27 април ние бевме тие кои известувавме и нашите екипи праќаа видеозаписи и извештаи. На 27 април во Собранието, новинарите ја спасија државата. Одговорно тврдам дека да не бевме ние гласни колку што бевме со целокупниот терор со кој се соочивме, 27 април ќе завршеше многу покрваво, со жртви – порача Мрѓа.