Група новинарски и медиумски организации до Владата поднесоа барање за спроведување системски медиумски реформи во кое се нагласени приоритетните прашања за кои се неопходни итни законски измени и практични мерки што треба да ги спроведат надлежните институции.
„Од Владата, исто така, се бара да започне инклузивен и транспарентен процес на јавна расправа, како за приоритетните така и за другите проблеми чие решавање може да доведе до подобрување на слободата на изразување и на состојбата во медиумскиот сектор“, велат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
„Приоритетни прашања што треба итно да се решат во првата фаза се зголемување на безбедноста и сигурноста на новинарите и искоренување на практиката на неказнивост на нападите, почитување на работните и професионалните права, транспарентност на јавните институции и подобрување на условите за истражувачко новинарство, независност, институционална автономија, уредувачката независност и финансирање на МРТ, спречување говор на омраза и поттикнување насилство во аудиовизуелните содржини, раскинување на клиентелистичките врски меѓу медиумските сопственици и власта и подобрување на условите за работа на приватните медиуми и укинување на одредбите од Законот за ААВМУ во поглед на продукцијата на домашна документарна и играна програма на националните телевизии“, се вели во соопштението потпишано од Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонски институт за медиуми (МИМ) и Институт за комуникациски студии (ИКС).