Новинарот на „360 степени“ Зоран Јовановски – за најдобра новинарска сторија, фоторепортерот во весникот „Вечер“ Наке Батев – за најдобра репортерска фотографија и Столе Марковски од Кочани – за најдобра аматерска фотографија, се годинашните добитници на наградата „Жан Моне“, што ја доделува Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми.
На конкурсот биле пријавени 43 новинари, со 49 новинарски стории, 15 професионални фоторепортери со 40 фотографии и 24 аматери со исто толку фотографии.
Јовановски ја доби наградата за сторијата „Како до интегрирано општество со етнички дезинтегрирано образование“.
– Снимавме во многу училишта, па колегите во мојата редакција ме прашуваа дали има училиште во кое не сум снимал. Дозволете ми кратко да се навратам на нешто лично. Училиштето во кое завршив основно образование во Тетово беше етнички мешано. Се разочарав кога пред некоја недела снимав таму, токму во моето училиште, и видов дека тоа е речиси моноетничко. Едноставно родителите решиле да не ги мешаат децата, да ги разделат и да ги запишуваат во етнички чисти училишта, па се почувствував поразено зашто не очекував таков расплет на настаните. Ова е мое лично искуство кое за жал денеска го имаат многу ученици во етнички мешаните средини, рече новинарот Јовановски.