Во железничката несреќа што се случи вчера наутро во близина на Битола животот го загубил поранешниот новинар, дописник на „Нова Македонија” и „Утрински весник” Гоце Каревски, на возраст од 56 години. Каревски последните години работеше како такси возач. Несреќата се случила кај населбата горно Оризари на отворен железнички премин на кој нема рампа. Деловниот воз Битола-Скопје во 5.30 минути на неколку километри од железничката станица налетал на такси возилото со кое управувал Каревски, јавија битолските медиуми.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид на лице место. Издадени се наредби за обдукција на телото на починатиот и анализа на крв за утврдување на евентуално присуство на алкохол. По проверките направени на лице место утврдено е дека нема присуство на алкохол кај машиновозачот, објави Тв Тера.