Новинарот Христијан Баневски, кој беше дел од екипата на 1ТВ, денеска во Кривичниот суд сведочи за случајот „Рекет“, а на покана на обвинителката Вилма Русковска.
Тој сведочеше дека добивал нарачки од Боки 13 да најавува истражувачки стории во централниот информативниот блок на 1ТВ, кои ниту биле започнати, ниту некогаш се реализирале.
-Бараше од мене да правам најава за испитување на квалитет на сите флаширани води и дека ќе ги објавиме резултатите. Целта беше да укажеме дека некој вода од чешма ја пакува и ја препродава. Иако јас ја најавив, таа никогаш не беше објавено. Боки бараше од мене да го најавувам по неколку пати. После извесен период Пелистерка стана главен спонзор во 1ТВ“, рече Баневски.
Втор случај кога Баневски се посомневал дека се работи за рекетирање, било кога Боки 13 побарал од него да направи сторија за фирма од Велес која работи во месна индустрија.
„Боки 13 ми го даде бројот на сопственикот и не се интересираше за развојот на приказната, туку само дали сопственикот бил уплашен. Прва реакција на сопственикот беше дека ние сме рекетари. Кога му се јавив вториот пат беше расположен за соработка. Го прашав Јовановски бидејќи ми беше сомнително сето тоа а тој ми рече: Оваа телкевизија треба да живее од нешто, сведочеше Баневски.
Новинарот присуствувал и на состанок меѓу Боки 13 и бизнисменот Томе Главчев, а договорот било да се прават стории за фалење на бизнисот на Главчев.