Новинарката Овсјаникова раскажа како шесте секунди протестирање и го промениле животот

by Fokus

Руската новинарка Марина Овсјаникова (43), која стана светска сензација откако отворено се спротивстави на војната и во знак на протест се појави во студиото за време на главната информативна програма, на рускиот државен Прв канал, со антивоен постер на кој пишуваше: „Стоп за војната. Не верувајте во пропагандата.

Тука ве лажат. Русите се против војната”, се огласи по настанот, за кој вели дека и го променил животот.

Како за само шест секунди да ти се промени целиот живот, таа раскажува во интервју со Свен Лилиенсторм, оснивач на ,,Faces of democracy”.

-За мене демократија значи да можеш да живееш како слободна личност. Но, мојата татковина Русија се претвори во тоталитарна држава која се повеќе се затвора за надворешниот свет.

Комуникацијата е на удар, речиси сите независни медиуми се блокирани или означени како странски агенти! Повеќето платформи на друштвени мрежи не се достапни… државната информациска пропаганда сега е готово единствениот извор на вести за рускиот народ, што доведува до информациски вакуум, кој мора да го надвладееме.

Секогаш сакав да патувам, да запознавам и разговарам со многу луѓе, затоа демократските вредности за мене не се празни фрази. Напротив, тие вредности значат дека рускиот народ може да разменува свои ставови со целиот свет, да изрази свој став, наместо да живее како послушен роб! – раскажува уредничката.

Појаснува дека не се согласувала со политиките на Првиот канал, но поради лични причини не можела да си го загрози работното место. Кога започнала војната, сфатила дека мора нешто да направи, купила фломастер и плакат, и го напишала постерот.

-Ништо слично се немало случено во Први канал во минатото, и кога излегов од студиото цел менаџерски тим и полиција веќе доаѓаа кон мене. Морав да дадам писмена изјава.

Многу луѓе ме поддржаа, но кога ги прашувам зошто не излезат на улица и не преземат нешто, одговорот е дека се плашат и дека е подобро да не се мешаат во политика. Луѓето имаат свое мислење, но државната пропаганда во Русија е многу напредна. Многу луѓе се приведени – вели таа.

По нејзиниот телевизиски протест, раскажува дека нејзиниот надреден во телевизијата, Кирил Клеимјонов јавно ја прогласил за британски шпион, за што вели дека е апсурдно.

-Имам чувство дека ме следат на секој чекор. Многумина прашуваат зошто не сум во затвор, не можам да кажам што мислат оние кои сакаат да ме видат зад решетки, беше започната управна постапка, но по два дена ја прекинаа. Моите адвокати сега чекаат да дознаеме какви обвиненија против мене ќе бидат подигнати – појаснува Овсјаникова.

Вели дека според неа, Русија во последните десет години се занимава со агресивна пропаганда против западот и западните вредности. Дека се уверуваат луѓето како западот сака да ја уништи Русија, дека Америка и Британија се нивни непријатели.

-Ако постојано повторуваат дека црното е бело, луѓето на крај ќе почнат да веруваат. Во сите медиуми на сила беше државна информативна пропаганда, насочена против западот. Цела генерација порасна со Путиновата пропаганда. И мислам дека ништо нема да се промени под негова власт. Тоа ќе биде можно единствено ако се изберат нови водачи, генерација која не размислува под моделите на студената војна- тврди.

Раскажува дека нејзиниот гест и ги нарушил семејните односи, бидејќи мајка и припаѓала на постарите генерации и ги слушала вестите кои се емитувале на државните канали.

-Иако многу работи не ги разбира, таа постојано ми повторува фрази кои ги слушнала на државните пропагандни медиуми, и не ни се обидувам да и појаснам повеќе. Не ме поддржува ниту син ми, посебно поради тоа што неговиот татко, а мој поранешен сопруг, работи за друг владин пропаганден медиум, ,,Russia Today”. Значи, ние сме на две спротивни страни во информациската војна. Тој ги учи децата на свои вредности, додека јас се обидувам да им дадам своја перспектива, бидејќи имам либерални ставови – изјави Марина Овсјаникова.

Вики Клинчарова

Поврзани новости