Новинарка во судница ги посочуваше насилниците кои го тепале Села

by Fokus

Цел на насилниците на 27 април во Собранието бил Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села, рече денеска во своето сведочење новинарката во Кривичниот суд.

-Кон Заев, Џафери и Села беа упатени најголемите закани и нареди. Шиптари, ќе ве убиеме. Во еден момент парче дрво летна во правец на Села. Дрвото го фрли релативно млад дечко облечен во син дуксер, а на главата имаше качулка. Подоцна Села се издвои, но не можам да видам дали некој го повлече или сам. Баш се зачудив зошто се издвои, зошто така е понебезбеден. Во близина на Села беше човек со очила на главата за кој подоцна дознав дека го викаат Тоста. Но директен удар од него не видов. Покрај Села беше и лице со качулка на глава, имаше маица на која имаше бројка со дречлива зелена боја. Тој викаше, ама не знам дали маваше со нешто, рече новинарката.

Таа додаде дека следно што видела е дека Села бил опколен од најмалку шест луѓе.

-Тогаш се слушале закани убиј го, ќе те убиеме куче шиптарско и го маваа со што ќе стигнат, и со боксови. Села се обиде да ја заштити главата со рацете, по што падна на колена. Тогаш уште повеќе почнаа да го удираат крвнички целејки во главата. Кога падна на земја го удираа со клоци и го газеа, рече новинарката.

Таа појасни дека кога Села паднал се створил обрач околу него и сите го удирале со што ќе стигнат, а најчесто со клоци.

Новинарката нагласи дека се сеќава на неколку лица кои го напаѓале.

– Најгневен од нив беше еден облечен во црни тренерки и маичка. Подоцна дознав дека се вика Кире, рече новинарката. Потоа, таа на барање на обвинителот го препозна насилникот и посочи кон обвинетиот Кире Георгиевски. Буквално го газеше, рече сведокот.

Таа меѓу обвинетите препозна уште еден кој го нападнал Села.

На барање на обвинителот го посочи со рака обвинетиот Стојан Павлески.

– Уште едно повозрасно лице го клоцаше Села. Буквално се бараше простор за да се удри Села, бидејки беше опколен. Летаа нозе, рече новинарката.

Таа го препозна и овој напаѓач. Посочи кон обвинетиот Георгиевски. На ова реагираше неговиот син Кире, исто така обвинет во овој случај, извикувајќи дека ова нема врска.

Според неа, уште едно лице облечено во син дуксер со фантомка на главата сп боксови го удирало Села.

Новинарката посочи дека не видела кои луѓе го изнеле Села, туку видела само дека го влечат, а по него остануваат траги од крв. На прашање на одбраната, како е можно само ова да не го видела, а за се останато раскажа во детали, сведокот рече дека се чувствувала животно загрозувачки и затоа гледала само да им се тргне на луѓето кои според неа го убиле Села.

В.В.

 

Поврзани новости