И евроамбасадорот Дејвид Гир се сретна со новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Тој ја посети нивната редакција, објави Делегацијата на Европската Унија во земјава на своите социјални медиуми.
На средбата Гир порачал дека клучна улога во демократијата игра токму истражувачкото новинарство, а оти со утврдување на фактите, новинарите помагаат да се обезбеди јавна одговорност и да се промовираат поинформирани и транспарентни општества.
„ИРЛ е основан поради потребата од независна платформа каде што новинарите и креативните професионалци ќе можат да се изразат слободно и да известуваат за важните општествени проблеми без надворешните притисоци. Тимот на ИРЛ е препознатлив по женското лидерство, инвестициите во млади лидери и иновативните медиумски продукти“, се наведува во објавата на Делегацијата на ЕУ.
Новинарите на ИРЛ минатата недела се сретнаа и со американската амбасадорка Анџела Агелер, која ги пречека во просториите на Амбасадата на САД во Скопје и им оддаде признание за нивната истражувачка работа.
Овие средби следат по пресудата на Основниот граѓански суд Скопје за случајот „Фероинвест против ИРЛ“ со која се спори статусот на новинарите во ИРЛ и се тврди дека ИРЛ не е медиум. Според пресудата, ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска се одговорни за клевета, со изнесување невистинити факти во првата епизода од истражувањето „Заговор против воздухот“ емитувана на 16 мај 2021 година на МРТ.