Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници-ССНМ и синдикалните претставници на синдикалните групи на ССНМ во редакциите на дневните весници на „Дневник“ и „Утрински весник“ на Друштвото за услуги Медиа Принт Македонија ДООЕЛ – Скопје донесе одлука за стапување во штрајк.
-Откако на сите обиди за средба и преговори на вработените за исплата на плата за декември не само што не е одговорено туку вработените веќе не се ниту здравствено осигурени, тие решија и формално да ја започнат процедурата за штрајк. Проблемот со платите на вработените во МПМ тлее неколку месеци, Синдикатот се обидуваше да најде заеднички јазик со раководството, меѓутоа и покрај сите заложби и ветувања од негова страна, многу малку беше направено да се излезе во пресрет на нашите членови и затоа револтот резултираше со одлука за штрајк, се вели во соопштението на синдикатот.
На вработените во наведените медиуми досега им биле намалувани платите под изговор дека економската состојба во земјата е лоша. Притоа компанијата не понудила доказ дека се намалуваат надоместоците и за менаџерскиот тим. На сите средби со раководството ССНМ постојано предупредуваше дека паѓањето на тиражите не е последица на лошото работење на новинарите и медиумските работници туку на менаџирањето кое го урна кредибилитетот на весниците што беа лидери во индустријата на печатените медиуми и вистински креатори на јавното мислење.