Неколку лица на возраст од 20 години ги нападнале тројцата новинари, Љупчо Цветановски од телевизија Алфа, Дејан Андоновиќ и Петар Серфимовски, ноќеска кога излегувале од угостителскиот објект, „Александрија“.
Инцидентот бил пријавен во СВР Скопје во 2,30 часот, а се случил еден час по полноќ на улицата „Есперанто“ во скопската населба Карпош. Напаѓачите засега не се идентификувани, односно се непознати.
Од Минстерството за внатрешни работи за Фокус велат дека причините и мотивот за нападот се уште се испитуваат и дека сега се повикуваат сведоци кои биле таму и се проверува дали имало камери кои евентуално го регистрирале инцидентот.
Според она што е напишано на Слободен печат, медиум каде моментално работи Андоновиќ, новинарите биле нападнати како обични граѓани, а не како новинари.
„Луѓето биле во кафеана, излегле од кафеаната, некој од оние „фраери“ што во последно време често се среќаваат на скопските улици, возел 200 на саат, ќе ги изгазел за малку, по што еден од новинарите изреагирал, му довикнал, и тоа било доволно за скопскиве насилници да застанат, и сите петмина да излезат од бесното БМВ и да ги нападнат. Значи колегите наши не биле нападнати како новинари, туку како обични граѓани. Дечките сигурно поим немале дека тројцата се новинари, уште помалку дека се некакви критичари на власта. Ги нападнале за да испаднат мангупи, демек кои сте вие нас да ни кажувате што да правиме и да не пцуете“, пишува во текстот со наслов „Вистината за „нападнатите новинари“.
Владата денеска преку соопштение најостро го осуди нападот врз новинарите што минатата ноќ се случил во Скопје, и овие инциденти ги оцени како неприфатливи и недозволиви.
-Поаѓајќи од својот деклариран став за нула толеранција за какви било напади, закани, уцени или притисоци, Владата на Северна Македонија укажува дека секој напад врз медиумските претставници, физички или вербален, треба да биде најостро осуден и санкциониран, и во таа насока ги повикува институциите итно да ги преземат сите неопходни мерки да се откријат и казнат сторителите, се наведува во соопштението.