Новинари спречени да известуваат од настан на кој присуствувал премиерот Ковачевски

by Fokus

За време на денешниот настан во кругот на фабриката „Пекабеско” во Скопје каде бил присутен премиерот Димитар Ковачевски, новинарите Љупче Златев и Предраг Кукиќ биле спречени да присуствуваат на настанот и да постават прашања до премиерот, информираше Здружението на новинари на Македонија.

„Според информациите кои пристигнаа до ЗНМ од колегите новинари присутни на настанот, од страна на лице вработено во приватната агенцијата за обезбедување „РОТЕ“ им биле побарани новинарски акредитации кои според сведочењето на новинарите тие им ги покажале и потенцирале дека добиле покана од Владата за овој настан. Обезбедувањето сепак ги спречило да влезат на настанот, за да си ја извршат својата новинарска задача. По реакциите од страна на нашите колеги новинари за овој инцидент, ЗНМ ќе достави претставка до Комората за приватно обезбедување на Република Северна Македонија со цел расчистување на овој инцидент за агенцијата за обезбедување РОТЕ“, велат од ЗНМ.

Поврзани новости