Новинари ќе ја тужат државата затоа што не ги заштитила на 27 април

by fokus

Засега 15 новинари кои известуваа од прес салата во Собранието на 27 април, покренаа иницијатива за тужба против државата. Тие ќе бараат надомест на штета согласно член 166 од Закон за облигациони односи.

-Во консултација сме со правен тим тужбата да биде проширена и по други основи, односно во граѓанска постапка да се утврди одговорност на поединци кои со преземање или непреземање на одредени дејствија придонеле за настанатата ситуација. Зад иницијативата сме за сега 15 новинари, отворена е за сите што беа внатре, колеги, сниматели, фотографи – изјави новинарот и уредник во Телма, Боби Христов.

Во иницијативата имаат намера да се вклучат и вработени во Собранието.

Како што информираа новинарите, тие ќе ги платат судските трошоци во постапката, а адвокатскиот тим ќе ги застапува про боно.

-Брзината на тужбата ќе зависи од бризината на мобилизацијата на сите оние кои ќе сакаат да се приклучат во иницијативата. Новинарите, снимателите и сите оние кои беа загрозени на 27 април заслужуваат правда. Ние само си ја вршевме нашата работа на „крвавиот четврток“ – изјави новинарката, Душица Мрѓа.

 

Поврзани новости