Новинар кој известувал за „27 април“ судот не го смета за новинар оти работел во онлајн медиум, за ЗНМ ова е уште една срамна пресуда

by fokus

Основниот граѓански суд во Скопје, денеска ја одби тужбата за спреченост на правото на информирање на граѓаните, како и за нематеријална штета за претрпен страв и душевна болка на Горан Трпеновски кој за време на инцидентите од Собранието на 27 април 2017 година, како новинар известуваше за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk), информира Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Во пресудата, судијата Јованка Спировска Панева, образложува дека во тоа време Трпеновски не бил новинар бидејќи работел во онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК кој пак според Закон за медиуми, според судија Панева не се смета за медиум. Освен ова, додаваат од ЗНМ, дополнително судот во оваа пресуда не го признава правото на информирање како уставна категорија, оценувајќи дека во тоа време колегата Трпеновски бил спречен да ја информира македонската јавноста за случувањата во Собранието, а следствено на тоа нема право на штета.

– Оваа судска пресуда е проблематична од неколку аспекти, прво дека не е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права за кој е неспорно дека онлајн медиумите се медиуми, а новинарите кои што работат во овие медиуми се новинари а нашите судови имаат обврска да ја следат праксата на ЕСЧП, нагласуваат од ЗНМ.

Второ, посочуваат, судот со пресуда не го почитува заклучокот на четирите апелациони судови во Република Северна Македонија со кој онлајн медиумите кои како странки се јавуваат пред првостепените граѓански судови кои при одлучување во постапки за навреда и клевета, мора да имаат ист третман како и традиционалните медиуми од мај 2019 година. Овој заклучок на четирите апелациони судови, велат од ЗНМ, треба да биде поука дека и во сите други постапки каде новинарите од онлајн медиумите бараат правда пред судовите не смеат да бидат одбиени со објаснување дека не се новинари.

– Ваквите судски пресуди ја загрозуваат слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија како и улогата на медиумите во едно демократско општество за што ЗНМ во наредните денови ќе ги запознае и меѓународните организации кои ја следат слободата на изразување во нашата земја, се вели во соопштението.

Поврзани новости