Сирени за предупредување денеска околу пладне им дадоа знак на Србите да се соберат околу општинските згради во четирите доминантно српски општини на северот од Косово, за да ги спречат новоизбраните градоначалници да ги превземат функциите.
Косовската полиција се обиде со солзавец и шок бомби да им отвори пат на градоначалниците, сите од албанска националност кои беа избрани на оспоруваните локални избори кои српските партии ги бојкотираа.
Според српските медиуми, биле повредени 10 лица, а ситуациајта е најсериозна во Зубин Поток и Звечан, каде биле слушнати и истрели од огнено оружје.
Во четирите српски општини се распоредени косовските специјалци, а во близина на општинските згради има патроли и на ЕУЛЕКС и КФОР.
Како одговор на тензиите на Косово, српскиот претседател нареди подигање на борбената готовност на српската армија на највисоко ниво и нејзино распоредување на административната линија со Косово и Метохија.
Косовскиот премиер Албин Курти, пак, рече дека за случајот ќе говори подоцна.