Нови судири меѓу полицијата и демонстрантите во Барселона

by Fokus

Демонстрантите се судрија со полицијата во Барселона четврта вечер по ред за време на протестите поради пресудите за лидерите на каталонските сепаратисти кои учествуваа во организацијата на референдумот за отцепување.

Сценариото од претходните ноќи се повтори, откако синоќешните мирни протести излегоа од контрола кога радикалните сепаратисти запалија барикади и столчиња на кафулиња во монденската улица „Рамбла де Каталуња“ во центарот на туристичкиот кварт.

Полицијата се обидела да ги раздели демонстрантите од неколку стотици екстремно десничарски приврзаници на Шпанското единство, но во видео објавено од жител на Барселона се гледа како група прошпански радикали го опколиле младиот сепаратист и го шутирале и тепале со палки.

Претходно, млади луѓе нагрнати со знамиња на Каталонија мирно фрлаа топки и прескокнуваа јаже.

Претходно илјадници студенти излегоа на улиците, а некои со јајца гаѓале по штитовите на полицајците за сузбивање нереди.

Демонстрантите од повеќе градови во Каталонија во средата тргнаа на протестен марш со намера до денеска да пристигнат во Барселона, а синдикатите повикаа на генерален штрајк.

Протестите почнаа во понеделникот, откако Врховниот суд во Мадрид осуди деветмина поранешни каталонски политичари и активисти на девет до 13 години затвор за нивната улога во неуспешното прогласување независност на Каталонија во 2017 година.

Тројца други обвинети беа прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.

Поранешниот премиер на Каталонија, Ориол Џункуерас е осуден на 13 години затвор поради бунт и злоупотреба на јавните фондови за одржување референдум за независност на Каталонија.

Поврзани новости