Нови сознанија за подземјето – Закани по живот од криминални картели, стопанственици се жалеле на рекет!

by fokus

Како и кога „Дуќанџик“ стана толку моќна и ги држеше сите кафулиња, ресторани и казина низ Скопје? „Фокус“ дојде до информации дека имало поплаки дека групата бара рекет од сопственици на кафулиња и ресторани, кои стигнале до врвот на Министерството за внатрешни работи. Исто така, имало и закани до високи функционери од правосудната власт…

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

По сите убиства и обиди за убиства што се случуваа во Скопје, мафијашките пресметки се сѐ уште живи и старите ривали „Дуќанџик“ и „Беланоца“, олицетворена во помала криминална група на повратници од боиштата во Сирија позната како „Барон“, ја продолжуваат војната, и тоа дури и во центарот на Скопје.

Нашите полициски извори, кои се одблиску вклучени во борбата со криминалното подземје, велат дека целта на полицијата не е само да се ослаби „Дуќанџик“, туку борбата се води со сите криминални групи и дека не се штитат, ниту „Барон“, ниту „Беланоца“.

Битката против овие структури, како што сведочат нашите извори, воопшто не е за потценување, а информациите говорат дека токму „Дуќанџик“, заедно со групата од Грчец, биле групите што биле „главни“ и ги „држеле“ сите кафулиња, ресторани и казина низ Скопје.

Според нашите извори, додека на чело на Управата за безбедност и контраразузнавање бил Сашо Мијалков, овие групи не биле неприкосновени и недопирливи, бидејќи чадорот на „началникот“ ги држел под контрола. Едноставно, сите што дејствувале на своја рака, завршувале надвор од игра, зад решетки и слично.

По смената на власта, „Дуќанџик“ зема голем замав и токму ова, според истите извори, е всушност другата страна на приказната. Целиот град е во рацете на „Дуќанџик“ и Грчец, со оглед на тоа што единствениот наследник на водачите на „Беланоца“, Фатљум Ајети-Тоте е во затвор за трговија со дрога.

Станале недопирливи, држејќи го целиот нарко-пазар, а за да ја гарантираат безбедноста, им наплаќале илјадници евра на сопствениците на познати елитни ресторани и кафулиња.

За да демонстрираат надмоќ, меѓу другото, триумфалистички одеа и се сликаа во „Мериот“, воделе сметка кој смее да влезе во одредел локал, а кој не итн.

Како што дознаваме, ситуацијата станала алармантна кога познат скопски сопственик на ресторан во центарот на Скопје се пожалил во Министерството за внатрешни работи дека криминалната група му барала по 5.000 евра месечно рекет за му ја гарантираат безбедноста. И така било со другите газди на кафулиња и ресторани.

Групата имала земено толкав замав што испраќала заканувачки пораки до висок функционер од судската власт, а се заканувале и на семејството на судијка.

Нивната моќ толку била навлезена во самите институции, што борбата воопшто не била и не е лесна.

Нашите извори велат дека по заканите кон високиот функционер од судската власт, извршен бил упад во домот на водачот на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами-Оки и еден од водачите на „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила. Жила, пак, не го нашле дома, но таму бил неговиот брат.

Ним не можела да им се направи ниту контрола, не прифаќале ниту да ги легитимираат, па при една контрола, отпор пружал и брат му на Енес Исеинов-Љаци, а потоа се жалел по медиумите дека бил тепан оти бил Албанец.

Голем дел од акциите на полицијата била осуетени, со оглед на тоа што дел од полицајците биле нивни луѓе, а оние, пак, од редовите на полицијата, што биле цврсто решени да им застанат на патот, добивале закани по нивниот живот и по животот на нивните семејства.

За поефикасна борба со подземјето, МВР почнало да спроведува оперативна акција „Безбеден град“. За оваа акција, Спасовски зборувал уште на почетокот на годинава, а според нашите информации таа се спроведува речиси една година.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости