За време на викендот во повеќе европски земји биле пријавени нови инфекции со вирусот на мајмунски сипаници. Сепак од СЗО смируваат дека ширењето на оваа зараза не може да се спореди со почетоците на пандемијата на коронавирусот.
Откако во Минхен во петокот беше пријавен првиот случај на мајмунски сипаници во Германија, во саботата и во Берлин беа потврдени два случаи.
Болеста која неочекувано се шири во Европа во последните денови е регистрирана и во Швајцарија и во Израел а можни случаи има и во Австрија и во Грција. На почетокот на мај оваа болест се појави во Велика Британија, Шпанија, Португалија и во Франција, но и во САД и во Австралија.
Светската здравствена организација во саботата објави дека кај неа се пријавени 92 потврдени и 28 сомнителни случаи од дванаесет земји членки. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека избувнувањето на заразата е причина за загриженост.
-Работиме напорно за да откриеме што можеме да направиме, истакна Бајден.
Мајмунските сипаници се јавуваат првенствено во Африка, што ги прави сегашните епидемии невообичаени.