Еколошки активисти и граѓани и денеска ги блокираат патиштата на неколку локации во Србија, барајќи забрана за ископ на литиум.
Блокиран е меѓународниот автопат во Белград кај Сава центарот и мостот Газела. Блокади се најавени и во Лозница, во западна Србија, каде што е блокиран граничниот премин Трбушница со Босна и Херцеговина и на неколку други локации во Србија.
Активистите и граѓаните кои се противат на експлоатацијата на литиумот сметаат дека производството на таа руда би ја загрозило животната средина.
На блокади повикаа еколошките организации, а им се приклучија и некои опозициски партии, како иницијативата „Да не го давиме Белград“.
Како што е наведено, барањата се да биде објавено сето она што е потпишано со мултинационалната компанија за ископ на литиум Рио Тинто, како и Владата да ја укине уредбата за просторниот план со кој се предвидува изградба на проектот „Јадар“.
Проектот „Јадар“ за експлоатација на литиум од минералот јадарит е планиран во долината на реката Јадар, кај Лозница во западна Србија.