Нови преписки и обвинувања во Демократската унија за интеграција откако фракцијата во партијата позната како „огнените“ обвини дека кандидатурите за избор на претседатели на ограноците на ДУИ се нестатутарни.
Актуелниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу во полиција пријавил дека му се заканувал по живот, Муарем Хасани, кандидат за претседател на огранокот на ДУИ во Бутел и заменик директор во Царинската управа.
Хасани пак преку Фејсбук ги негираше обвинувањата на Ганиу.
-Разочаран, но не и очаен, во целост ги демантирам клеветите на Висар Ганиу за наводни закани од моја страна. Жалење за секој обид за валкање на демократските изборни процеси во ДУИ од страна на отуѓените од семејството што ги родило, ги одгледало и ги донело таму каде што се. Клеветите и оцрнувањето нека им служат на чест, ако ви останало малку чест!, вели Хасани.
Од ДУИ пак тврдат дека оваа партија го инсталирала најдемократскиот принцип во партиските изборни процеси – „еден член еден глас“.
-Ние го поставивме овој принцип, но неговото спроведување се одвива на најдемократски можен начин, со позитивен и конкурентен натпревар. Клеветите со намера да фрлат сенка врз оваа нова политичка вредност во земјава се очајнички обиди сонцето да се покрие со сито. Ги повикуваме регистрираните членови на Демократската унија за интеграција да не станат плен на вакви провокации и да продолжат да работат за непречено одвивање на изборниот процес, велат од ДУИ.
„Огнените“ не отстапуваа и велат дека ваквиот пристап на внатрешните избори во партијата, но и вчерашното соопштение од ДУИ, може да има епилог како во кумановскиот огранок со „убиен, ранет и затворен“.
-Повторуваме дека принципот еден член-еден глас е нестатутарен, односно го гази статутот на партијата со две нозе. И за иронија на целава оваа ситуација каде што секојдневно се труби за демократијата и демократските вредности, во реалноста гледаме дека претседателите на ограноците априори ги одредува претседателот Али Ахмети со декрет, велат фракционерите.