Нови Пазар е завиен во црно, четири деца загинаа, таткото се бори за живот, а мајката психички е лошо

by Fokus

Жителите на Нови Пазар се уште се во шок по трагедијата што се случи вчера во нивниот град, откако четири деца на возраст од една и пол до пет години загинаа во пожар во стан, пренесува Нова.рс.

Во градот е прогласен Ден на жалост, а од Обвинителството се уште нема официјални информации како настанал пожарот во станот во зградата во населбата Јалија.

Според денешните неофицијални информации, неизвесна е состојбата на таткото, кој се наоѓа на одделението за изгореници во Белград, со оглед на тоа дека над 40 отсто од неговото тело се во состојба на тешки изгореници, додека состојбата на мајката која се наоѓа во хируршкото одделение во Општата болница во Нови Пазар е стабилно и добро се чувствува од последиците од пожарот.

Сепак, како што неофицијално дознаваат од Нова.рс, нејзината психичка состојба е лоша.

Соседите од „црвената зграда“ во населба Јалија во Нови Пазар се уште се во шок и не можат да поверуваат што се случило вчера и дека од нивната зграда засекогаш се загубиле четири невини детски животи. Соседот Сафет вели дека дури утринава станал свесен за целата ситуација. .

„Не ми се верува, само што се вразумив утрово, четири невини детски животи засекогаш исчезнаа од оваа зграда. Не ги познавав ни таткото ни мајката, децата никогаш не ги запознав, но душата ме боли за нив, за сите“, вели тој.

Сафет вели дека никој не знае што би можело да биде причината за пожарот и дека сега се шпекулира со различни опции, но дека на крајот тоа веќе не е ни важно.

„Децата ги нема, нивните животи се повредни од илјада вакви станови, прашање е што ќе биде со таткото, а ако преживее, не знам каков ќе му биде животот после ваква трагедија“ вели еден од соседите на Сафет.

Децата кои загинаа во пожарот, според првите резултати од обдукцијата, се задушиле со јаглерод моноксид, објави утрово новопазарскиот портал „a1tv“.

 

Поврзани новости