Нови патарини до Штип, во еден правец ќе плаќаме 160 денари

by Fokus

Двете патарини на автопатот „Гоце Делчев“ од Миладиновци до Штип, кои се градат кај Преод и Кадрифаково, заедно ќе чинат 120 денари во правец. Како што изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, цената на патарината во Преод ќе чини 50 денари, додека кај Кадрифаково ќе чини 70 денари.

Па така, доколку се патува со автомобил преку Миладиновци, каде треба да се платат 40 денари за патарината, вкупниот трошок за патарини од Скопје до Штип изнесува 160 денари во еден правец.

Цената на патарините се утврдува според Законот за државни патишта – по километар од 2,57 денари, изјави Рустеми.

На констатацијата дека има реакции од граѓани дека станува збор за мало растојание, а висока цена, тој рече дека како јавно претпријатие се во контакт со министерствата за транспорт и врски и за финансии, како и со Владата, и во текот на оваа година ќе се разгледаат сите можности околу цените. На прашањето дали тоа значи дека ќе има корекција на цените, Рустеми кажа дека не може предвреме да каже.

Не можам предвреме да ви кажам, се врши целокупната анализа бидејќи сите приходи што доаѓаат од патарините ние ги вложуваме на изградба на нови патишта и рехабилитација на сите патишта што ги имаме под државни патишта, рече Рустеми.

Тој посочи дека патарините на оваа релација ќе бидат со електронско плаќање.

Автопатот Миладиновци – Штип официјално беше пуштен во употреба на 6 јули 2019 година. Изградбата на патарините треба да заврши до крајот на мај.

Поврзани новости