Дубаи, Барселона, Лион, Штутгарт, Базел и Истанбул се шесте дестинации до кои од следната година ќе има директни летови од скопскиот и од охридскиот аеродром, најави денеска министерот за транспорт – Александар Николоски.
„Од 30 јуни двапати неделно ќе се лета Скопје-Барселона-Скопје, со што се отвора Шпанија како дестинација, Од 30 јуни трипати неделно ќе се лета и Скопје-Лион-Скопје, со што се отвора јужна Франција, првпат како дестинација. Од следната година трипати неделно ќе се лета и на релација Скопје-Штутгарт-Скопје со што се отвора западниот дел од Германија“, најави Николоски.
Од аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид, пак, од следната година ќе се лета на релација Охрид-Базел-Охрид.
Најзначајната вест во смисла на новитетите воведени на охридскиот аеродром, според министерот, е дека „Туркиш ерлајнс“ ќе воведе редовни летови на релација Охрид-Истанбул-Охрид од 30 март следната година.
„Ова значи дека охридскиот аеродром го отвораме како дестинација кон најголемиот аеродром во Европа и аеродром којшто има најмногу летови за поврзување од каде што може понатаму да се лета, што ќе значи комплетно нова страница на охридскиот аеродром“, порача Николоски.