Нови израелски напади во Газа – најмалку 39 Палестинци загинаа

by Fokus

Најмалку 39 Палестинци загинаа денеска во израелски воени напади во Појасот Газа, главно на север, каде цел на нападот беше и болница, соопштија здравствените власти од Газа.

Во израелски воздушен напад врз две куќи во кампот Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, денеска загинаа најмалку девет лица, потврдија здравствените работници за Ројтерс.

Израелската војска претходно ја обвини палестинската милитантна група Хамас дека ја користи болницата Камал Адван во Беит Лахиа за воени цели, велејќи дека во неа се сместени „десетици терористи“, што палестинските здравствени власти и Хамас го негираа.

Претставник на болницата Еид Сабах изјави за Ројтерс дека дел од персоналот претрпел помали изгореници откако израелски напад го погодил третиот кат на болницата, додека нема извештаи за жртви во болницата.

Болницата „Камал Адван“ накратко беше окупирана од израелските сили минатата недела, кога Израел објави дека во таа операција заробила околу 100 осомничени членови на Хамас.

Војната во Газа започна откако милитантите предводени од Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе и киднапирајќи 251 лице, според израелските податоци.

Оттогаш, според палестински извори, повеќе од 43.000 луѓе се убиени во израелските напади, објави претходно Ројтерс.

 

Поврзани новости