Популарната музичка група ,,Нови фосили” со голем концерт во Арена Загреб одбележа 55 години на сцената, но истовремено, концертот претставуваше и крај на нивната кариера.
Со тој настап Сања Долежал, Владимир Кочиш Зец и Маринко Колнаго се простија од својата публика.
-На сцена повеќе нема да пееме. Можеби некогаш ќе запееме некаде, во публика, но бендот има многу години, време ни е да се повлечеме достоинствено, порачаа членовите не бендот за хрватските медиуми.
,,Нови фосили” кои се една од најпопуларните групи на екс Ју просторите, годинава имаа турнеја за збогување, и одржаа концерти во повеќе градови во регионот.
Во Скопје настапија во април, во Македонска Филхармонија, и тоа беше нивно гостување во Македонија по три децении пауза.
-Зад нас се многу години, многу работи поминавме заедно. Време е. Но, кога веќе се простуваме, тоа ќе го направиме како што треба, истакна Сања пред одржувањето на скопскиот концерт.
,,Нови фосили” беа фомирани во 1969 година во Загреб, од страна на композиторот Рајко Дујмиќ. Тие се група која има продадено милионски копии на нивните албуми, а хитовите се уште им се вртат во етер.
Прва пејачка на групата беше Ѓурѓица Барловиќ, а по нејзината ненадејна смрт како вокал дојде Сања Долежал.
По распадот на Југославија паузираа со настапи, но потоа во 2005 година, членовите повторно се собраа и продолжија со концерти.
Вики Клинчарова