Владимир Талески – екс градоначалникот на Битола е осуден на уште две години затвор за судскиот процес „Транспортер 2“, повторно дело поврзано со ученичкиот превоз во Битола и за изградбата на мостот Црн Мост во Битола, пренесува „Независен“.
Талески беше 12 години градоначалник на Битола (2005-2017), а од лани е во Прилепскиот затвор на одлежување на казната за злоупотребата со ученичкиот превоз.
На една година затвор е осуден поранешниот секретар во Општина Битола, Слободан Бончановски, додека условна осуда од една година казна затвор која нема да се изврши доколку не го повторат кривичното дело во период од две години, добија и четворица вработени во Општина Битола, членови на комисијата за јавни набавки.
Оваа информација била потврдена од Основниот суд во Битола.
„Пресудата е донесена во понеделникот, се однесува на дело ‘Злоупотреба на службената положба и овластување’ по член 353 став 4, во врска со став 1 од Кривичниот закон. Кривичното дело е поврзано со превозот на ученици во општина Битола и изградбата на мостот Црн Мост во Битола. Пресудата не е правосилна и против истата осудените имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Битола “, потврдиле од Основниот суд Битола за „Независен“.
„Транспортер 2“ е кодното име на истрагата што ја отпочна Специјалното јавно обвинителство, и е продолжение на незаконските дејствија со превозот на ученици во Битола. Истрагата се водеше против десет осомничени лица со доказен материјал за учебната 2009/2010 година, и за учебната 2010/2011 година.