Нови детали околу исчезнувањето на Злата од Кочани: Пријавен сомнителен џип, сопругот ставен на полиграф!

by Fokus

Од 16-ти јуни не се знае судбината на Злата Јанкова (45), која исчезна среде бел ден, кога од село Орел каде имаат семејна викендичка, тргнала да си оди дома, во Свети Николе.

Од сопругата и мајка на две деца, од кои едното е малолетно, опишана од блиските како скромна жена посветена на фамилијата, нема никаков траг, а семејството секојдневно бара одговори на прашањата – Каде е Злата, што и се случило, дали е жива?

Сопругот на исчезнатата жена, Дејан, вели дека веќе пет месеци нема мир и во разговор за ,,Фокус” појаснува дека е разочаран од тоа како се одвива истрагата.

-Никој ништо не ни кажува, освен дека истрагата е во тек. Мене ми направија полиграфско тестирање, и тоа по неколку месеци од исчезнувањето, но резултатите од тестирањето не ми ги соопштија.
Колку што имам информации, само мене ми е направено тестирањето.
Имаше и една случка која е пријавена во полиција, а за која често размислувам. Се случи десеттина дена откако Злата ја снема, јас спиев во викендичката во Орел, после полноќ беше, кога мои соседи кои седеле во дворот и правеле скара, забележале џип со странски таблички, кој сомнително се движел наоколу, а потоа се паркирал во близина. Останал така да стои паркиран повеќе од 15 минути, и тие пријавиле во полиција.
Ова е мало место, не се случува непознати луѓе да дојдат туку-така, посебно среде ноќ, а и откако се случи исчезнувањето, веќе сите во се се сомневаме.
И мене ме известија соседите за џипот, но тој веќе заминал. Тргнав со брат ми да го барам, ама не видовме каде замина. Полицијата дојде по еден час, не се најде џипот, така и овој траг се изгуби. Ми останаа прашањата кој беше во возилото, што бараше среде ноќ овде, што посматраше…
Не се откри ниту кое е возилото Голф, кое соселани го забележале дента кога Злата изчезна. Немам информација дали се проверени камери на бензински пумпи, на патарини, продавници… појаснува сопругот.

Додава дека после исчезнувањето на неговата сопруга, започнал да ги чита вестите и за други исчезнати луѓе во земјава. Стапил во контакт и со семејството на Лидија Трајковска (43) од Скопје, која исчезна пред 11 дена.

-Споделуваме свои искуства, во иста незавидна ситуација сме сите, чии блиски се исчезнати. Оставени сме да чекаме, а времето си минува. Јасно ни е дека со секој изминат час и ден се помали се шансите за наоѓање. Бараме поголема ажурност од институциите. Месеци поминаа, телефонот на мојата сопруга уште не е пронајден, а истиот беше активен и по еден ден откако таа исчезна.

Жена без здравствени, семејни и финансиски проблеми, не може туку-така, по своја волја, без никаков документ и пари кај себе, да замине и да го остави семејството.
Сакаме да дознаеме што се случило, раскажува Дејан.

Фотографијата на Злата е објавена на страницата на МВР за исчезнати лица. Покрај нејзината, објавена е и фотографијата на Лидија Трајковска од Скопје, која исто така под неразјаснети околности исчезна на осми ноември. На страницата се објавени десетици лица кои се водат како исчезнати, а ги има на сите возрасти, од деца, па се до луѓе во своите осумдесетти години. Многу од нив се исчезнати со години и не им се знае судбината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости