Нови четири услуги од ФЗО отсега достапни на интернет

by irena 13:31
13:31

Нови четири услуги од Фондот за здравствено осигурување се достапни на националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk. Три од нив се наменети за физички, а една за правни лица, информираа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција во Владата.

Директорот на Фондот, Клековски, вели оти е цврсто уверен оти „процесите во една мала земја како Македонија мора да бидат координирани и централизирани од едно место со цел се добие стандарден пристап за сите“. МТД, како што вели, го овозможува тој пристап и услугите што денеска беа промовирани се заслуга и на самото Министерство, а не само на ФЗО.

– Поставувањето на овие четири услуги на Е-услуги е овозможено со податочната поврзаност со Фондот и МДТ, меѓутоа ние, верувајќи дека клучот е во координацијата и во поврзувањето, исто така сме поврзани со АВРМ, со Управата за водење ан матичните книги, со Министерството за социјална политика, Централниот регистар ни е во подготовка, а имаме директно поврзување со две важни институции за нас, а тоа е „Мој термин“ и Управата за јавни приходи. Ваквото вмрежување ќе ги олеснува и нашите меѓусебни комуникации, но крајниот ефект ќе биде олеснет пристап до услуги од страна на државата кон граѓаните – истакна Клековски.

Според него, се работи на дигитализација на комуникацијата на ФЗО со сите ЈЗУ и ПЗУ, кои имаат договор со Фондот, а во најголем дел е дигитализирана и процедурата на инвитро. Најави дека многу бргу ќе биде дигитализирано и поднесувањето барање за инвитро, а оти сега ваучерите се доставуваат електронски.

Вели дека реализацијата на проектот „Е-рецепт“’ треба да биде завршена до пролетва, а се работи и на ново геомапирање на сите ЈЗУ и ПЗУ, кои работат со Фондот и приказ кој какви услуги нуди во реално време.

– Набргу ќе бидат дигитализирани нови 27 услуги, меѓу кои барањето за надомест или рефундација на средства. Граѓаните нема да мора да доаѓаат во подрачните служби на Фондот да поднесуваат барање за рефундација, дали за ортопедски помагала, дали лекови, пелени…, а ќе се дигитализираат и барањата за лекување во странство. Со тоа ќе се овозможи дигитално следење на лекувањето во странство, а со ова поврзани се двојазичните обрасци бидејќи ние имаме договор со над 17 земји за лекување и третман на наши граѓани и нивни во Македонија. Ова право го користат студенти и наши граѓани на работа во странство, а се осигурени во Македонија – рече Клековски.

Најави дека се планира и комплетна дигитализација на боледувањата, особено на надомест за бременост, раѓање и родителство, вклучувајќи го породилно и за таткото.

– Ние нема да имаме подобри услуги за граѓаните и поголема контрола без да се дигитализираат услугите. Дигитализацијата ќе овозможи многу позадински функции, ефикасност и за граѓаните, но и за институциите. Во врска со целата оваа податочна поврзаност е и подготовка за е-попис, бидејќи веќе сме поврзани и најголем дел од институциите кои би обезбедувале евентуално податоци за констатирање на состојбата за присуство и жителство, рече Клековски.

Слични вести