Нови 300 мегавати за производство на струја за година ипол и тоа од обновливи извори

by Fokus

Вистински бум на изградба на електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија и особено во искористување на сонцето за добивање струја, се случува во земјава од минатата година. Ако во 2021 година со работа започнаа 49 нови електроцентрали кои користат обновливи извори на енергија (една хидроелектроцентрала и 48 фотонапонски електроцентрали), ланската година се заврши со нови 267 централи со инсталирана моќност од 152,2 мегавати.

Најголем дел од нив беа  фотонапонски електроцентрали (99,2 MW) и ветерни електроцентрали (36 MW). Овие централи придонесоа капацитет за производство на електрична енергија на земјата да се зголеми за 18%.

Според најновите информации од Регулторната комисија за енергетка (РКЕ),  од почетокот на годината до крајот на јули, со нови лиценца се имаат стекнато 338 централи со инсталирана капацитет од 164,2 мегавати.

Ова значи дека за година ипол земјава го зголеми капацитетот за производство на струја за нови 300 мегавати. За споредба, капацитетот на РЕК Битола кој ни е најголем извор за производство на струја е 700 мегавати.

Зголемениот капацитет на производство на струја секако влијаеше и на евидентно намалување на увозот на струја и ланската, а и годинава. Ако се знае дека во 2020 година беа увезени 3,352 GWh електрична енергија, во 2021 – 2,940  GWh, ланската година увозот изнесуваше 2,209 GWh. Во првите месеци од годинава, увозот е намален за 11%.

Новите капацитети покажуваат дека сериозно се работи на намалување на енергетската зависност на земјата. Но и на декарбонизација и супституирање на производството на струја од јаглен од термоцентралите РЕК Битола и Осломеј.

Ваквите податоци кажуваат дека Македонија сериозно работи на зелената транзиција и веќе го има реализирано Зеленото сценарио  што, според  Енергетска стратегија, беше планирано да се реализира до 2040 година и од земја во која домашно производство на струја доминантно се базираше на јаглен, сега  станува земја со големо производство од обновливи извори.

Поврзани новости