Дополнителни 10,3 милиони долари американска поддршка за развој на демократско општество и за конкурентна економија, ќе добие земјава со амандманот на Договорот за грант за партнерство за развој со САД. Амандманот го потпишаа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на УСАИД во Северна Македонија Џери Дајбл, во присуство на амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз.
Како што нагласи Бесими, со овој амандман, досегашната ефектуирана вредност од Договорот е 22,1 милион долари од вкупно планираните 56,6 милиони.
Според министерот, поддршката што ја добива земјава од САД во овој период на криза продлабочена со руско-украинскиот конфликт, е од големо значење. Преземањето мерки и активности за градење отпорни и одржливи економии, во овој момент, потенцира Бесими, е од исклучителна важност.
-Стратешката определба на нашата земја од нејзиното формирање е евроатланското интегрирање. Посветеноста кон оваа цел се огледа и преку нашиот иако долг, но непоколеблив пат, кој резултираше на наша голема гордост и задоволство со добиеното членство во НАТО во 2020 година и почетокот на пристапните преговори со ЕУ годинава.
Без двоумење ќе кажам дека наш постојан и посветен партнер и поддршка во овој процес беа нашите пријатели, САД. Потврда за тоа е и денешното потпишување на амандманот на петгодишниот Договор за грант за партнерство за развој. Со овој документ, со кој САД ни доделува дополнителна поддршка во износ од 10,3 милиони долари, се поддржува развојот на демократското општество и конкурентна економија, како вредности на кои го темелиме нашето општество, рече Бесими.