Новата влада со нов систем за комуникации со јавноста

by fokus

Прв пат од независна Македонија Владата има министер за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, кој првично беше назначен како министер без ресор, но сега ќе ја организира комуникацијата со јавноста и меѓу владата и институциите.

Иако официјално министерот Поповски е без ресор, тој реално ќе предводи тим организиран слично на едно министерство кое освен што ќе постави систем на комуникација на Владата, ќе биде задолжено да гради стратегии и планови за комуникација на Владата, министерствата и институциите со граѓаните.

Неофицијално, извори во владата потврдуваат дека во министерството кое Поповски ќе го предводи ќе бидат вработени околу 40 луѓе.

Овој владин тим исто така ќе ја организира и внатрешната комуникација помеѓу премиерот, министерствата и сите институции.

Според нашите извори, ваквата ре-организација во однос на комуникациите се прави заради подобра координација и полесно функционирање на владата од аспект на приоритетите во комуникацијата со јавноста.

Информациите од сите институции и министерства ќе се сумираат во еден центар, каде ќе се прави план и распоред кога, како и кои политики ќе се пласираат во јавноста.

Сите министерства, премиерот и позначајните јавни претпријатија ќе имаат лица за односи со јавност, или мини тимови задолжени за комуникација.

Засега од владата ветуваат дека секое министерство ќе одржува барем еднаш неделно брифинг со новинарите, но еднаш неделно ќе има и внатрешен состанок во владата каде ќе се прави големо планирање како дел од стратегијата на новото министерство. Оттаму ветуваат дека на оваа влада, за разлика од претходната, приоритет ќе и биде отчетноста и транспарентноста кон граѓаните.

Со оглед на претходното негативно искуство кое земјава го имаше со пропагандата на власта предводена од Никола Груевски, Фокус го праша новиот министер за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски дали Македонија може да добие уште една влада на која и е поважен ПР-от, отколку реалноста.

„Граѓаните имаат право на сомнеж целосно, имаа тотален мрак 11 години, но исто така треба внимателно да следат како полека работите се средуваат. Не можеме преку ноќ да го направиме тоа, има погрешно направена систематизација. Поранешните си направиле како што нив им одговара, треба да ги смениме називите и соодветно да ги ангажираме луѓето. Граѓаните треба да бидат трпеливи и многу скоро ќе забележат драстична разлика. Гарантирам дека не само што минатото време на ВМРО-ДПМНЕ нема да се повтори, туку оваа влада ќе биде најотворена од сите досегашни влади. Нема што да се крие, мора да се знае што работи владата, како работи и како троши пари на граѓаните“, изјави Поповски.

Во изминатите денови во Владата и во министерствата беа вработени повеќе новинари и лица за односи со јавност, во секторите за комуникации. За портпарол на Владата беше назначен поранешниот новинар Миле Бошњаковски, а ваква функција најверојатно ќе добијат уште двајца луѓе. Новинарката од Телма Јасминка Аневска исто така преку Фејсбук потврди дека добила понуда од Владата за да стане портпарол, но се уште не открива дали истата ќе ја прифати или ќе ја одбие.

К.О.

 

Поврзани новости