Веднаш по формирањето на новата влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, главен акцент во работењето ќе биде, спроведување на проекти во енергетиката, преку кои, Македонија ќе стане независно енергетска земја, соопштија од опозициската партија.
Посебно внимание, како што велат, ќе се обрне на дистрибутивниот систем за природен гас и тоа со правилна стратегија, со паролата „Гас до секое домаќинство во Македонија“ се со цел секој граѓанин да му биде овозможен пристап до природен гас.
„По преземањето на власта ќе се посвети внимание на гасификација, како изградба на интерконекторите за природен гас, со соседните земји, потоа изградба на примарната инфраструктура, со цел да можеме без проблем да се поврзат двете когенеративни постројки, но истовремено и на примарна преносна мрежа за гас и за другите градови, со цел во иднина и таму да се направат постројки за топлинска и електрична енергија
Интензивно ќе се започне со градба на топлификациони мрежи за почеток, Битола и Скопје, односно Скопје има но не во цел град и затоа ќе се продолжи. Најважното што го интересира секое домаќинство, тоа е електричната енергија, бомбардирани сме од фотоволтаици и ветерни електрани, кои ги градат приватни тајкуни од кастата на СДС и ДУИ, земјата ни е одземена, а од таа енергија нема ни трага ни глас, се продава по белиот свет“ додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека проектот за изградба на централата Чебрен, ќе биде предмет на една сериозна, научна физибилити студија која треба да е дело на македонските универзитети, експерти и стручњаци, МАНУ и македонските компании.
„На Македонија од стратешка природа и е потребен уште еден голем резервоар на вода. Тоа е проект кој треба да се гледа долгорочно и тоа е проект за иднината, не само за Македонија како држава, туку и за иднината на идните генерации, кои се неродени, тој проект нема само енергетско значење, туку може да има социоекономско и да има огромно значење во земјоделието, бидејќи системот кој понатаму каскадно ќе следи, практично служи за наводнување на десетици илјади хектари земјоделска површина.
Катастрофалната состојба во енергетиката, во Македонија, која ја оставија ДУИ и СДС, ќе биде исправена, со многубројни значајни проекти, преку кои бенефит ќе имаат како граѓаните така и државата.
Никогаш не било полошо! Важно е да ги поразиме!“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.