Утре почнува новата учебна 2024/25 година за сите ученици во основното и средното образование.
Според податоците на МОН, новата учебна година ќе почне за 245 илјади ученици во основните и средните училишта, бројка што е намалена за 17 илјади во последните седум години.
– Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади. Ова е погубно и разочарувачки и е резултат на лошите политики, не само во образованието, туку во сите општествени сегменти, рече на денешната прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа најави дека постоечките политики ќе ги заменат со нови и прогресивни во чие креирање, како што рече, ќе учествуваат сите оние кои се засегнати. За тие политики да бидат спроведени, додаде, ќе биде обезбеден поширок консензус.
Годинава нема да има пролетен распуст, се покажал како непотребен
Годинава, основците и средношколците нема да имаат пролетен распуст, одлучи Министерството за образование и наука врз основа на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои во мнозинство се изјасниле дека ваков распуст не е потребен. Учебната година ќе трае од 2 септември до 10 јуни за сите ученици, со исклучок на учениците од завршните години во средно образование, кои ќе имаат настава до 16 мај.
– Зимскиот одмор започнува на 31 декември, а завршува на 19 јануари. Летниот пак, започнува на 11 јуни, а завршува на 31 август. Пролетен распуст, нема да има. Оваа одлука произлезе од резултатите на спроведената анкета меѓу наставниците, родителите и учениците, кои мнозинството се изјаснија дека ваков распуст не е потребен, рече на денешната прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Наставата започнува со физичко присуство, а онлајн настава ќе има за учениците од неколку училишта каде, како што нагласи, претходното раководство не исполнило одредени свои обврски, како на пример ненавремено завршување на реконструкција или набавка на опрема – клупи и столчиња за учениците.
Јаневска додаде дека според информициите со кои располагаат во 140 училишта ќе се одвива едносменска настава, за која како Влада се залагаат да се воведе во сите училишта во државата.
– Правиме анализа за да увидиме во кои објекти треба дополнително да се инвестира во капацитетите, за да може да се прошири едносменската настава од следните години и во други училишта, рече Јаневска.