Новата подваријанта на омикрон откриена и кај пет луѓе во Македонија

by Fokus

Новата подваријанта на омикрон BA2 е откриена и кај пет луѓе во Македонија, неофицијално дознава „Фокус“ од извори во министерството за здравство.

Претходно излегоа информации дека подваријантата на омикрон која, според некои истражувања, би можела да биде позаразна од оригиналната варијанта на коронавирусот, е откриена во 57 земји за што соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Варијантата на коронавирус омикрон, која брзо се шири и мутира, стана доминантна варијанта во светот откако за првпат беше откриена во јужна Африка пред десет недели.

Светската здравствена организација во својот неделен епидемиолошки билтен објаснува дека оваа варијанта, која сочинува 93 отсто од сите примероци на коронавирус собрани во изминатиот месец, има неколку подваријанти: БА. 1, БА. 1.1, БА.2 и БА. 3.

„Секвенците означени како БА. 2 до денеска се внесени во GISAID од 57 земји“, посочува СЗО, додавајќи дека во некои земји оваа подваријанта сега опфаќа повеќе од половина од секвенците на омикрон.

И.М.

Поврзани новости