Новата министерка за култура Ирена Стефоска денеска официјално ја презеде функцијата. Основната задача на која како министерка ќе се посвети за време на овој мандат, како што истакна, е заштитата на културното наследство но и раскрстување со варварското однесување кон културното наследство.
Стефкоска по преземањето на функцијата изјави дека ќе работи на обединување на знаењата за да ја одржи, како што рече, виталната врска на нашиот културен амалгам, на заедничкото наследство со современи и идни културни образовни естетски па дури и економски практитки.
-Позицијата министер за култура на Република Северна Македонија ја прифатив како чест и уште поголема одговорност. Уште веднаш зборувам за одговорност и постојано ќе зборувам за одговорност, затоа што ми е совршено јасно дека ние како држава единственото нешто со што располагаме и со што можеме да бидеме препознаени и прифатени во светски контекст е културата. Таа наша култура, културата која ни припаѓа на сите е амалгам од соништата на сите наши предци. Ајде сите заедно и културни работници и граѓани да направиме нашата култура да свети како ѕвезда на балаканот и пошироко исто онака како што Медена земја свети и сјае низ целиот свет. Таа врска мораме да ја одржиме од едноставна причина што таа не прави она што сме. Ја завршувам изјавата со познатата мисла која вели: Ако сакаме да ја сочуваме културата мораме да продолжиме да ја создаваме,рече Стефоска.