Музичарот Владо Пупиноски, син на починатиот фолк пејач Секула и внук на Ефто Пупиноски, вчера го забавувал познатиот светски тениски шампион Новак Ѓоковиќ, на свадба во Србија. Владо, кој што веќе со години наназад живее и настапува во локали во Америка, специјално по повод свадбата на негова другарка, дошол во Србија, а помеѓу расположените гости бил и Ѓоковиќ, кој што уживал во музиката на охриѓанецот. Видео клипови од забавата веќе можат да се видат на повеќе интернет сајтови, а на нив Владо со саксофонот е во центарот на вниманието додека останите гости играат и пејат околу него.
,,Фотографиите и снимките со Ноле се направени во Белград, на свадба кај моја другарка. Ова беше приватен настан, но кога ќе дојде Ѓоковиќ кај мене на гости во Охрид, тогаш ќе има што да се пишува на темата,, – ни изјави Пупиноски, при тоа не откривајќи детали кога и по кој повод ќе му гостува славниот тенисер.
Инаку, Владо уште од млади години се занимава со музика. Живее во Чикаго и редовно настапува во балкански клубови во Америка, но и во Канада. Неговиот татко Секула, кој што почина пред пет години на педесетипет годишна возраст од срцев удар, зад себе ги остави хитовите ,,Врати се бела Марија,, ,,Како да ти кажам збогум,, ,,Бели снегови,, и други. По смртта на Секула, Владо најави дека ќе формира фондација во чест на татко му, во Чикаго, која што ќе ги потпомага младите музички таленти, вокалисти.
Покрај Владо Пупиноски, и поп пејачот Јоце Панов му има неколкупати запеано на Новак, на приватни забави во Подгорица и во Белград. Веднаш по настапите пред тенисерот, и Јоце ни потврди дека Ѓоковиќ многу ја сака македонската песна.
Вики Клинчарова