Новачевски: Купив плац и во Крушево, Груевски планираше да гради викендица

by fokus

Ристо Новачевски, кум на екс премиерот Никола Груевски, со кого заедно се обвинети во случајот „Плацеви на Водно“, денеска во судница давајќи ја својата одбрана, го разоткри тајниот имот на неговиот кумашин.

Тој најпрвин истакна дека на барање на Груевски основал фирма преку која купил плацеви на Водно, но и земјиште во Крушево.

Поточно раскажа дека Груевски сакал да купи и земјиште во Крушево, во близина на крстот на Тоше.

-Тоа беа државни земјишта, се продаваа по едно евро за квадрат. Груевски сакаше тогаш да земе плац за викендица, а која би ја градел по завршување на неговиот мандат.

Бараше да го купам на мое име и тоа и го сторив. Беше на јавно наддавање, за некои 40.000 денари, истакна Новачевски.

Тој појасни дека за сето ова што го правел на барање на Груевски немал никаков ќар.

-Не сум имал некаков бенефит или ќар од ова, освен некои мои трошоци за водење на фирмата “Сирах инженеринг”, истакна Новачевски.

Како што веќе пишуваше неделникот “Фокус”, плацот кој Груевски тајно го купил преку својот кум се наоѓа во викенд населбата, која се наоѓа веднаш под крстот во Крушево, во близина на манастирот Св. Преображение, или познат како манастирот на Тоше.

Продажбата на вкупно 21 парцела се вршела во периодот од 2012 до 2015 година, а шпекулациите се дека соседи на Груевски му се уште неколкумина функционери од тогашната власт.

“Фокус” веќе пишуваше дека таму требало да се населат важни станари, а тоа може да се заклучи и од брзината со која се реализирала изградбата на инфраструктурата, за која финансиски помагала и тогашната Влада.

Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“.

Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

В.В.

Поврзани новости