Само што почна 14-тата вонредна седница на Советот на Град Скопје побарана е пауза во траење од половина час од координаторот на Советничката група на СДСМ Љубица Јанчева.
Претседателот на Советот Трајко Славески првично побара да се изгласа дневниот ред на вонредната седница, па да се даде пауза, но на инсистирање на координаторката на Советничката група на СДСМ веднаш даде пауза од половина час. Седницата ќе продолжи во 15:30 часот.
Претходно советниците од ВМРО-ДПМНЕ имаа забелешка зошто на седницата не се присутни советниците од СДСМ кои побараа да се свика вонредната седница.
Ова е втора вонредна седница на Советот на Град Скопје што е свикана денеска, откако на претходната не беше донесена одлуката за субвенционирање на ЈСП со 11 милиони евра со што ќе се овозможи исплата на декемвриската плата на вработените во ЈСП, кои изутрина од 9 часот прекинаа со работа и нема јавен градски превоз во Скопје. Одлуката не помина за еден глас, односно не беа доволни 22. гласа „за“ од присутните советници.
Триенаесет беа воздржани, а ниту еден против.