Мандатарот за состав на новата влада и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, не очекува големи промени во ресорите во новиот владин кабинет.
-Не очекувам да има поголеми промени во ресорите, од причина што веќе има владина програма којашто се реализира, меѓутоа таа ќе биде надополнета и ќе биде претставена заедно со новата влада. Не би очекувал да има големи промени во ресорите, можеби само еден-два ресори коишто би биле финално распределени кога ќе завршат разговорите со сите коалициски партнери – рече Ковачевски на Канал 5.
Тој додаде дека принципот на одговорност ќе биде одлика на управувањето.
-Технократскиот начин на управување обично се поврзува со цврста рака на владеење, меѓутоа за мене тоа значи еден мерит систем на раководење, каде што секој којшто извршува одредена јавна функција, треба одговорно и чесно да ги извршува своите задачи, согласно со зададените цели. Секој, низ личен пример, да работи во интерес на граѓаните и да одговара при непостапување – рече Ковачевски.
Тој најави дека планира Владата да ја предложи околу 10-11 јануари идната година, односно во пократок рок од уставно предвидениот.